МЗТ Скопје не греши два пати во Кавадарци

МЗТ Скопје ја забележа и шестата победа во низа во кошаркарската Супер-лига, овојпат триумфирајќи на незгодниот терен во Кавадарци против Фени индустри со резултат 61-75. „Сино-белите“ сезонава веќе еднаш беа непријатно изненадени во салата „Јасмин“, кога загубија од денешниот ривал во полуфиналето од Купот на Македонија, но овојпат не дозволија сличен исход, стигнувајќи до триумф над тимот на Љупчо Малинков.

Првото полувреме мина во израмнета битка на двата тима. Фени дојде до брзо водство од 5-0, на што „металците“ одговорија со осум поени во низа. До крајот на полувремето екипите се менуваа во водство, за на одмор да се замине со минимална предност на Фени од 35-34. МЗТ конечно посериозно се одлепи кон средината на третата четвртина, кога по 38-38 гостите направија серија од 10-2, принудувајќи го Малинков на тајмаут. По тајмаутот Дреновац погоди уште една тројка за најубедливи „плус единаесет“ (42-53), но Фени најмногуу благодарение на Стајиќ успеа да ја преполови негативата, па во последните десет минути се влезе со резултат 50-56.

Фени не постигна поени во првите три минути од последната четвртина, по што МЗТ набрзина дојде до убедливи 50-63, решавајќи ги дилемите околу победникот. Ниту тајмаутот на Малинков не вроди со плод, Фени уште две минути беше без поени, шампионот поведе и со 50-67 пред Николовски конечно да реализира еден шут. Остатокот од мечот беше само рутина за „металците“, кои предводени од Ѓуроски погодија уште неколку шутеви од далечина, добивајќи го натпреварот со убедливи 61-75.

Дреновац постигна 19, Мијатовиќ беше стрелец на 17 поени, додека репрезентативецот Ѓуроски реализираше 12 поени, 4 скока и две украдени топки. Најефикасни кај Фени индустри при денешниот пораз беа Пантиќ со 15 и Стајиќ и Николовски со по 12 поени.

Се вчитува...