МЗТ Скопје не смее да го потцени „фенерџијата“

Останатите македонски клубови се на одмор, но МЗТ Скопје продолжува со натпреварите и во празничниот период, па така „сино-белите“ вечерва во 18 часот ќе го пречекаат босанскиот претставник Спарс. Оваа екипа лани играше одлично и стигна до полуфиналето во АБА2, каде беше елиминирана токму од МЗТ, но сезонава е сосема поинаква приказна. Спарс во првите 12 кола има само една победа и 11 порази, па јасно е зошто овој тим важи за апсолутен аутсајдер пред гостувањето во Скопје.

Сепак, тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов, јасно става до знаење дека ќе очекува максимално залагање од своите кошаркари, без оглед на кризата во која се наоѓа противникот.

„Играме против еден физички одлично подготвен противник, кој многу трча во текот на сите 40 минути. Нивниот пласман на табелата не е реален во однос на ростерот што го имаат, а освен еден меч што го загубија убедливо, сите останати порази им беа буквално на една топка. Поради тоа, сметам дека нема да се сретнеме со лесен ривал, не смееме да се опуштиме и да го потцениме противникот“ – изјави Кочов во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...