МЗТ Скопје не знае за доста, Гостивар „падна“ во последната минута во Аеродром

МЗТ Скопје ја забележа и седмата победа во серија во домашното првенство откако по голема битка славеше над Гостивар со резултат 78-75. Гостите предводени од Американецот Ворку се покажаа како незгоден ривал, но немаа сили во самата завршница, губејќи го мечот во последната минута.

МЗТ беше подобар ривал од самиот почеток, диктирајќи го темпото и поведувајќи со 23-14 на крајот од првата, а потоа со тројката на Николов и со 26-14 на стартот од втората четвртина. По предноста на МЗТ од 31-17 и поените на Робев следеше „пост“ од повеќе од пет минути без постигнат поен за „металците“, што Гостивар го искористи целосно да се врати во мечот. Резултатот на полувреме гласеше 37-36, со израмнета игра се продолжи и во третиот период, за МЗТ конечно да се одлепи на „плус девет“ на почетокот од четвртата четвртина. Гостиварци се вратија и по двете неспортски грешки што беа досудени дојдоа на „минус два“ и напад во последната минута. Тодоровиќ промаши положување, по што во неизвесна пенал завршницата МЗТ успеа да ја задржи предноста и да стигне до триумф од конечни „плус три“.

Вер и Крстевски, кои блескаа во последната четвртина, беа најефикасни кај МЗТ Скопје со по 19 поени, додека прв играч на Гостивар беше Американецот Ворку со 23 поени.

Се вчитува...