МЗТ Скопје немаше сила за изненадување ниту против Будуќност

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром го забележа и третиот пораз во исто толку натпревари по враќањето во најсилното регионално кошаркарско натпреварување, АБА лигата.

Металците и против третиот фаворит, Будуќност немаа сила за изненадување па на крајот запишаа уште еден пораз од 89-66. Македонскиот шампион како и претходните два меча, така и овој го почна катастрофално. „Металците“ во првите шест минути игра имаа постигнато само два поени, а до крајот на првата четвртина успеаја некако да стигнат до бројката од десет и по првиот период да имаат негатива од (23-10). Избраниците на Александар Петровиќ одиграа одлично во вториот период кој го добија и на пауза заминаа со негатива од само осум поени (39-31).

Сепак, Црногорците нагазија на стартот на второто полувреме. Постигнаа 25 поени, а на противникот му дозволија само 15, па пред влезот во последниот период веќе имаа „комотни“ (64-46). До крајот рутински го приведоа мечот за конечни 89-66. Максвел со 12 поени беше најефикасен во таборот на „штрковите“, додека кај победникот се истакна Бел-Хејнс со 21 поен.

МЗТ Скопје во следното коло ги очекува првата шанса за радост на јадранот каде на 23. октомври на домашен терен ќе го пречекаат Студентски. Претходно, македонскиот шампион ќе одигра два натпревари во Првата лига. Првиот е на 19. месецов дома против Гостивар, а вториот ќе биде првото овосезонско вечно дерби против Работнички на гости три дена подоцна.

Се вчитува...