МЗТ Скопје – остануваат Радуловиќ, Крстевски и Мекиќ, потпиша Робев, се чека на Андреј Магдевски

Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје, денеска информираше дека покрај останувањето на тренерот Дарко Радуловиќ, аеродромци се договориле за останување на уште двајца домашни кошаркари. Станува збор за центарот Бојан Крстевски и за крилниот кошаркар Адем Мекиќ, кои и во сезоната 2021/22 ќе продолжат да го носат дресот на „металците“, заедно со капитенот Дамјан Стојановски, кој имаше активен договор и за наредната сезона. Како прво засилување за новата сезона е потпишан Дамјан Робев, кој по добрата сезона во дресот на Куманово се сели во таборот на актуелниот шампион.

Останува дилемата дали во дресот на МЗТ ќе остане и плејмејкерот Андреј Магдевски, кој добил понуда за продолжување на соработката, но интерес за неговите услуги покажува и вечниот ривал Работнички. Сепак, „металците“ се надеваа дека во најскоро време ќе добијат позитивен одговор и од него и ќе можат да го официјализираат и неговото останување во МЗТ Скопје.

„Нашата екипа и во иднина ќе биде предводена од Дарко Радуловиќ, кој успешно седна на клупата кон средината на март и го предводеше однесе тимот до посакуваниот успех, откако потпиша нов едногодишен договор со гордоста на Аеродром. Во екипата најмалку до крајот на следната сезона ќе бидат и Бојан Крстевски и Адем Мекиќ, кои исто така ја продолжија соработка. Потпис на двегодишна соработка со МЗТ Скопје стави и Дамјан Робев (24 год, 195 см), зад кого е одлична сезона во Куманово.

Меѓу првите со кои преговараше нашиот клуб е и плејмејкерот Андреј Магдевски, кој беше избран за МВП на финалната серија од плејофот и кој од нашата управа доби побогата понуда во однос на тоа што го имаше досега. Тој во моментов е на заслужен одмор, по што очекуваме да добиеме одговор од него со цел полека да го оформиме македонскиот дел од тимот со кој ќе ја браниме доминацијата во македонската кошарка“, се вели во соопштнието на МЗТ Скопје.

Се вчитува...