Резултатската криза на МЗТ Скопје уште повеќе се продлабочи откако македонскиот првак претрпе преубедлив пораз на гостувањето против Задар (98-79). Одбраната беше катастрофално, а целиот тим делуваше тотално без енергија. Отсуството на Ајви повторно остави трага на двете страни од теренот, особено ако се земе во предвид потпросечното издание на Дастин Вер, кој беше доведен како достојна замена за Американецот, а на денешното деби се покажа како лоша копија на Мајк Кефи.
Од самиот почеток стана јасно дека Задар ќе доминира откако домашните кошаркари наметаа брзо темпо на игра што аеродромци не можеа да го следат, ниту пак барем малку да го забават. Хрватскиот тим поведе со 15-5 по помалку од пет минути игра, а МЗТ парираше само за момент, по погодените тројки во серија на „металците“. Сепак, тајмаутот на домашниот тим вроди со плод, во серија поени влезе Божиќ, по што Задар продолжи безмилосно да го полни рекетот на противниците. Првата четвртина заврши со предност на домаќините од 29-16, кои продолжија да доминираат и во текот на втората четвртина, на одмор заминувајќи со преубедливи 57-35.
МЗТ Скопје ја отвори третата четвртина со серија 7-2, но Задар беше премногу квалитетен и искусен тим за да дозволи целосен камбек. Кефи се надоврза на катастрофалното издание против Борац Чачак со фијаско и на овој меч, па по неговите почетнички загубени топки кон крајот на четвртината, по 30 минути игра резултатот гласеше 77-55. Американецот делуваше конфузно на теренот, па и четвртиот период го почна со почетничка грешка, прекршок при обид за тројка на еден кошаркар на Задар. Домаќините рутински ја одржаа предноста до самиот крај, славејќи со конечни 98-79, оставајќи го Александар Петровиќ со низа проблеми за решавање пред наредните мечеви со Сплит и Цибона, можеби и клучни за бегство од „фенерот“ на табелата.
Миќовиќ беше најефикасен во МЗТ Скопје со 22 поени, 18 постигна Војдан, а 11 Дамјан Стојановски. Целосно потфрлија Американците, Кефи постигна три поени со шут 1/5 и четири загубени топки, додека Вер дебитираше со катастрофален шут 1/11 за само три постигнати поени.
По победата на Борац Чачак над Сплит, сега МЗТ Скопје е осамен на дното на табелата со само две победи во досегашниот дел од сезоната. „Металците“ веќе в четврток ќе го пречекаат составот на Сплит, во нов директен дуел со ривал од битката за опстанок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА