МЗТ Скопје предоцна се разбуди, Работнички ги приземји „штрковите“

Работнички ја забележа и петтата победа во низа во Првата лига, оваа сигурно најдрага за „центарци“ ако се знае дека на гостински терен го совладаа шампионот МЗТ Скопје со резултат 91-95. Избраниците на Горан Самарџиев апсолутно ја заслужија победата, од почеток до крај го контролираа резултатот и конечно ја прекинаа серијата од осум порази од вечниот ривал, најавувајќи дека се подготвени да атакуваат на трофеј сезонава. Од друга страна, „металците“ одиграа катастрофални 35 минути, имаа огромни „минус 21“, а фуриозната завршница им помогна само да избегнат преубедлив пораз. Сепак, јасно е дека некои работи во таборот на МЗТ не се на посакуваното ниво, по вториот домашен пораз во низа, по оној од Пелистер пред неколку дена.

Дербито беше израмнето во првите четири минути во кои екпиите се менуваа во водство, но Работнички беше првиот што посериозно се одлепи. По серијата промашувања на МЗТ гостите набрзина поведоа со 11-19, предводени од Декози и од Ѓуроски кои постигнаа по седум поени во првите шест минути од мечот, а тренерот на МЗТ, Васко Атанасов беше принуден да побара тајмаут. Сепак, проблемите продолжија, па со двете реализации на Рикиќ во рекетот гостинскиот состав поведе и со „плус десет“ (13-23). Ворку презеде одговорност кај аеродромци и негативата беше преполовена, па по почетничката грешка на Декози (престап под сопствениот кош) домаќините не искористија шанса да реализираа, по што беа казнети со поените на Џелетовиќ за 22-29. Ворку постигна тројка од девет метри со звукот на сирената, но судиите по долго разгледување на видео-снимката оценија дека шутот бил по истекот на времето и поените беа поништени.

„Центарци“ доминантно ја почнаа и втората четвртина, постигнувајќи шест поени во низа и поведувајќи со 22-35. Работнички не искористи неколку напади за да ја зголеми предноста, а МЗТ конечно го проби мразот во оваа четвртина на стартот од 14. минута, по неспортската лична грешка врз Војдан Стојановски. Гостите во своите редови го имаа расположениот Ѓуроски, кој продолжи да го полни кошот на својот поранешен клуб и го донесе Работнички на „плус 15“ (25-40). Нападот на „црвено-белите“ функционираше беспрекорно, па кога Трајс лесно положи преку Танасковиќ за 32-47 во 17. минута домашниот тренер мораше да побара нов тајмаут во обид да ја консолидира одбраната на својот тим. Советите овојпат вродија со плод, МЗТ заигра подобро во дефанзива и ја спушти разликата под десет со забивањето на Танасковиќ (38-47). Мини-серијата на „металците“ ја прекина Трајс со тројка, Војдан Стојановски одговори со прецизен шут и на одмор се замина со водство на Работнички од 40-50.

МЗТ при „минус осум“ пропушти два напади за уште повеќе да се приближи, по што Ѓуроски погоди тројка и ја врати двоцифрената предност на гостите (45-56). Со тоа „центарци“ се вратија во ритам, тројки погодија и Стајиќ и Трајс, принудувајќи го домашниот тренер на нов тајмаут при негатива од 15 поени (50-65). Следеше серија од 5-0 на МЗТ, но веднаш потоа и седум поени во низа на Работнички, за најубедливи 17 поени предност за гостите (55-72). Во последните десет минути се влезе со предност на Работнички од 59-74, а гостите на самиот старт од четвртата четвртина дојдоа и до „плус 19“ (59-78). Агонијата продолжи веќе во следната минута, кога преку Рикиќ беше пробиена границата од дваесет поени, па Атанасов повторно мораше да земе минута одмор, при негатива од 61-82.

МЗТ Скопје конечно покажа знаци за живот, предводен од Војдан Стојановски влезе во серија и намали на 73-84. Дамјан ја спушти негативата и под деветпоени, но Декози погоди тројка во важен момент за Работнички. МЗТ покажа карактер и не се откажа, Дамјан Стојановски погоди нова тројка и намали на 84-91, но одбраната на аеродромци беше катастрофална, па „центарци“ погодија уште една тројка. И повторно МЗТ не се предаде, намалувајќи на пет поени негатива на една минута до крајот. Шампионот имаше и напад за „минус три“, но Ворку не го реализираше положувањето. Ѓуроски не погоди тројка со која можеше да стави точка на мечот, но Ворку се покажа трагичар во последната минута по лошото додавање во аут, со кое МЗТ ги загуби сите шанси за чудесен камбек.

Американецот Декози со 23 поени и осум скокови беше најефикасен во таборот на Работнички, репрезентативецот Ѓуроски постигна 20, а Трајт го заврши дербито со дабл-дабл од 19 поени и 11 асистенции. Најефикасен на целиот натпревар беше домашниот центар Танасковиќ со 26 поени и само едно промашување од поле, Војдан Стојановски постигна 18 поени и 9 асистенции, додека Дамјан Стојановски го заврши мечот со 15 поени.

Се вчитува...