МЗТ Скопје продолжува да гази во АБА2 – совладан и Спарс

Серијата на победи на МЗТ Скопје во АБА2 лигата се искачи на четири во низа откако аеродромци славеа со 77-87 против Спарс во вториот меч од балонот во Сараево. Избраниците на Радуловиќ одиграа одличен натпревар на двата дела од теренот, реализира 11 од 22 обиди за три поени и сосема заслужено стигнаа до нова победа.

МЗТ Скопје одлично го започна натпреварот. Добриот проток на топката носеше лесни поени во рекетот каде аеродромци успеаја да направат предност, а Спарс не успеа да ги искористи обидите од втора шанса па по 10. минути игра на семафорот стоеше предност од 17-24 за македонскиот тим. Играта „два на два“ продолжи да биде адут за „сино-белите“ кои стигнаа и до двоцифрена предност со поените на Дејвис (22-32), но изгубените топки во нападот не дозволија аеродромци да ја задржат истата. Составот од Сараево одговори со добра игра во рекетот на МЗТ Скопје па успеа да ја преполови предноста, но падот на избраниците на Радуловиќ беше експрено смирен по тајм-аутот. Аеродромци ја разбија зоната на противникот па ја вратија и стабилноста, повторно ја наметнаа својата игра за комотната предност од 37-49 на полувремето.

Отварањето на второто полувреме беше во знакот на Спарс кој ги користеше промашени обиди на македонскиот тим па за помалку од две и пол минути ја стопи високата предност и стигна до негатива од само еден напад (46-49). Падот во играта на аеродромци ни овој пат не траеше долго бидејќи добриот проток на топката донесе отворени обиди кои беа умешно искористени од Стојановски и Крстевски, во рекетот одлично се снајде и Рикиќ за враќање на двоцифрената предност (50-61), но тајм-аутот на Спарс го запре моментумот на МЗТ Скопје. Босанскиот тим заигра подобро во нападот и одбраната до крајот на третата четвртина па повторно ја преплови негативата (62-68) пред одличувачките десет минити. Во нив Спарс продолжи да брка негатива, но МЗТ Скопје имаше одговор за секој налет на противникот кому не му дозволи да стигне ни до изедначување.

Дастин Вер беше лидер на аеродромци со 26 поени и 8 асистенции, а него го следеше Роберт Рикиќ со 17 поени и 4 скока. 12 поени, 7 скока и 6 асистенции забележа Адем Мекиќ, а капитенот Стојановски додаде осум поени и три скока.

Се вчитува...