МЗТ Скопје во борба за првото место: Ако се одигра како против Широки, ќе се слави и над Борац

МЗТ Скопје денеска од 18 часот ќе го одигра и вториот натпревар во „балонот“ на АБА2 во Широки Бријег, а истиот е и воедно најважниот натпревар за аеродромци оваа сезона на „Јадранот“. За противник избраниците на Петровиќ ќе го имаат Борац Бања Лука, состав што исто како и македонскиот шампион има скор од 9 победи и 2 пораза па овој натпревар ќе го одлучи тимот кој ќе го заврши регуларниот дел од сезоната на врвот на табелата.

За разлика од Борац кој загуби против Сутјеска, „сино-белите“ во истиот влегуваат на крилја на убедливата победа против домаќинот Широки Бријег на отворањето на „балонот“, но за славје повторно ќе мораат да бидат на врвот на својата задача.

Тимот од Бања Лука предводен од добро познатиот Драган Николиќ во мак-баскетот е добро пополнет на секоја позиција, но клучна ќе биде одбраната на бековската линија која ја предводат Кнежевиќ и Болдвин. Лимитирањето на овие кошаркари и оневозможувањето на течниот проток на топката за лесни поени во рекетот ќе им олесни на аеродромци за нови два бода.

„Задоволен сум од растот на формата, како и во атмосферата во екипата. Работевме напорно во овој период, одигравме одлично против Широки и очекувам слично издание и против Борац. Врвните екипи од оваа лига квалитетно се речиси си израмнети, па важно е ние да одиграме на своето највисоко ниво. Борац Бања Лука во последното коло киксна против Сутјеска, но тоа не го менува фактот дека станува збор за квалитетен состав, во кој главниот товар ја презема бековската линија. Ако успееме да им ги неутрализираме бековите и одиграме на нивото како против Широки, верувам дека ќе се радуваме и ќе ја оствариме целта, како прворангирани да го дочекаме завршниот турнир во Скопје“, изјави тренерот на МЗТ, Александар Петровиќ.

По овој натпревар МЗТ Скопје го очекува уште средбата со Златибор, еден од можните противници во четвртфиналето од разигрувањето за титула на „Јадранот“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Се вчитува...