МЗТ Скопје против Хелиос Санс за искачување на втората позиција на табелата

Петтото коло од АБА2 лигата за македонските тимови продолжува денеска со мечот помеѓу МЗТ Скопје и Хелиос Санс од 15 часот во кој „сино-белите“ ќе бараат продолжување на победничката низа во регионалното првенство по победите над Пелистер и Осијек.

Аеродромци по првите два балона се наоѓаат на делба на четвртата позиција на табелата со учинок од три победи и еден пораз заедно со словенскиот претставник па овој меч ќе биде од големо значење за двата тима во битката за втората позиција на табелата.

„Нема да биде лесно на турнирот во Сараево, особено што ќе настапиме со скусена ротација поради повредата на Кристијан Николов. Хелиос игра добро со добра транзиција и поливалентни кошаркари, кои се многу искусни. Ќе се обидеме да ги спречиме нивните поени на контранапади, а истовремено ќе пробаме да наметнеме наш стил на игра со темпо кое го посакуваме. Ако бидеме фокусирани и енергијата ни биде на посакувано ниво тогаш ќе може да се надеваме на победа. Мотивирани сме максимално и очекувам добар настап на целиот турнир“, изјави Радуловиќ.

Доколку избраниците на Радуловиќ сакаат да стигнат до нови два бода ќе мораат да ја добијат скок играта па многу работи ќе значат од 219 сантиметри високиот Роберт Рикиќ. Покрај тоа потребно ќе биде и лимитирање на отворените обиди за три поени, сегмент од играта кој е добро познат за словенскиот состав.

Се вчитува...