МЗТ Скопје против Спарс за продолжување на трката со лидерот на АБА2

Дуелите на македонските тимови во АБА2 лигата на балонот во Сараево продолжуваат денеска од 21 часот со мечот помеѓу Спарс и МЗТ Скопје во кој „сино-белите“ на Дарко Радуловиќ ќе бараат продолжување на победничката серија и останување во игра за првата позиција на табелата каде се наоѓа Борац Бања Лука.

Аеродромци на овој натпревар влегуваат на крилја на победата над Хелиос Санс во претходното коло, меч во кој „штрковите“ покажаа карактер, ги надминаа проблемите кои ги имаа во првото полувреме и стигна до третата победа во низа во второто по ранг натпреварување на „Јадранот“.

„Ќе ги одмериме силите против домаќинот на турнирот, кој сигурно ќе биде мотивиран да одигра најдобро што може на сопственото буниште. На нас е да го покажеме квалитетот и да ја оправдаме фаворитската улога, односно да покажеме дека заслужено сме таму каде што сме во моментов. Како и пред секој друг натпревар, имаме огромна желба за победа. Мора да ги исправиме грешките од претходниот дуел и вечерва да влеземе со поголем фокус и далеку позрело, односно пред сe да го наметнеме нашиот ритам и стил на игра. Верувам дека ќе продолжиме со триумфите, на патот кон целта кон која засега сигурно грабиме“, изјави Роберт Рикиќ.

Денешниот противник е добро познат за осумкратниот шампион, но и „погоден“ противник против кој се остварени шест победи од седум меча. Единствената победа на тимот од главниот град на Босна и Херцеговина доаѓа од претходната сезона, но истото значи и дополнителн мотив за македонскиот состав.

Во однос на тој натпревар Спарс претрпе големи проблеми во својот ростер, но за МЗТ Скопје денеска да се надева на победа ќе мора да го спречи добриот проток на топката и да го лимитра противникот во шутот за три поени.

Се вчитува...