МЗТ Скопје реши – Кочов останува на клупата, Даскаловски во стручниот штаб

Ѓорѓи Кочов останува на клупата на МЗТ Скопје и во наредната сезона, одлучи управата на актуелниот вицешампион на Македонија решавајќи го тренерското прашање веднаш по завршувањето на оваа сезона. Младиот стратег дојде на клупата на МЗТ во најлош момент, откако Жељко Лукајиќ си замина од клупата среде сезона, Кочов стигна до финалето на плејофот, но не успеа да ја одбрани титулата и да ја продолжи доминацијата на аеродромци на домашната кошаркарска сцена.

Раководството на клубот сепак реши да му укаже доверба на овој млад и перспективен стручњак, кој ќе има можност летово самиот да си ја состави екипата,  за да може потоа целосно да одговара и за резултатите на истата. Во МЗТ Скопје се оптимисти дека со Кочов како шеф на стручниот штаб тимот ќе тргне во вистинска насока, па затоа на младиот стратег му е понуден договор на три години. „Сино-белите“ под договор ги имаат Маслинко и Соколов, а во тек се преговорите за во Аеродром да остане капитенот Дамјан Стојановски, кој во меѓувреме добил и интересна понуда од странство.

Освежување во стручниот штаб ќе биде Боро Даскаловски, со кого се во завршна фаза преговорите да му биде прв асистент на Кочов. Станува збор за квалитетен стратег кој ланската сезона ја почна на клупата на Карпош соколи, тим со кој имаше добри резултати, но поради големите финансиски проблеми самиот се повелеч. Искуството на Даскаловски ќе биде од помош на „металците“ во обид повторно да атакуваат на највисок пласман и да се вратат на тронот на македонската кошарка.

Се вчитува...