МЗТ Скопје рутински со Кожув за првата победа во сезоната

МЗТ Скопје успеа да го одбрани домашниот терен и да стигне до првата победа во Првата лига откако на отварањето на второто коло славеше против Кожув со 89-71. Аеродромци во поголемиот дел од мечот ја имаа резултатската контрола, успеаја да ја искотролираат скок играта, имаа и подобра реализација и заслужено стигнаа до два бода.

МЗТ Скопје го отвори натпревар со одлична игра во одбраната, а избраниците Радуловиќ грешките на противникот ги користеа на спортивната страна за водство од 9-1 во воведните минути. Домаќините сепак не успеаја да го задржат темпото, а тоа го искорист Кожув кој одговори со далеку подобра игра на двата дела од теренот. Благодарение на офанзивниот скок избраниците на Николов стигнаа и до водство во еден момент, но успеаја и истото да го задржат до крајот на првата четвртина (20-17). Добриот моментум од финишот на првите десет минути „сино-белите“ ги префрлија и во продолжението од првото полувреме. Аеродромци влегоа во серија со шутот за три поени па стигнаа и до двоцифрена предност, успеаја да ја исконтролираат и скок играта и на полувремето заминаа со позитива од 49-32.

Кожув успеа да заигра на ниво во одбраната на почетокот на второто полувреме, но гостите од Гевгелија не успеаја и да го наметнат своето темпо. Откако МЗТ Скопје стигна и до својата највисока разлика (53-34), „црвено-белите“ влегоа во серија со која успеаја истата да ја намалат на само 12 поени (57-45), но следеше нова стабилизација во играта на аеродромци со која домаќините ја задржаа „комотната“ предност по 30. минути игра (66-49). Кожув повторно запрети во последната четвртина, овој пат стигна и до негатива од само десет поени (73-63) со тројките на Нацевски, Николовски и мини серијата на Вилијамс, меѓутоа тајм-атуот на Радуловиќ ја врати контролата на мечот за „сино-белите“ кои продолжија со добрата игра за мирен финиш на мечот.

Шест кошаркари во домашниот состав забележаа двоцифрен број на поени од кои најрасположен беше Дејвис со 14 поени и 6 скока. По 12 поени забележаа Вер и Стојановски на кои Американецот додаде и 9 асистенции, а капитенот 5 скока. Поранешниот „штрк“ Кирил Николовски беше првото име во редовите на Кожув со 29 поени и 4 скока, а него го следеше Вилијамс со 14 поени и 8 асистенции.

Се вчитува...