МЗТ Скопје се рехабилитираше па забележа победа над Сутјеска

По поразот во првиот натпревар на „балонот“ во Златибор, МЗТ Скопје успеја да стигне до посакуваната победа со триумф над Сутјеска од 92-83. Аеродромци овој пат одиграа далеку постабилен натпревар и заслужено стигнаа до двата бода.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов го отворија натпреварот моќно, ги затвoрија приодите кон рекетот, лесно се пробиваа кон противничкиот кош па поведоа со 25-13. Црногорците се одржуваа во игра преку тројките на Корач, со серија од 12-2 успеаја да се вратат целосно во натпреварот, меѓутоа преку Дамјан и Гочер, како и одличната партија на Олуџоби, МЗТ Скопје рутински ја одржуваше предноста во првото полувреме (47-39).

Аеродромци во грч го отворија второто полувреме, се мачеа да најдат прав ритам, додека Сутјеска го наметна своето темпо. Високите играчи успеаја да се наметнат во рекетот па црногорскиот состав набргу поведе. Сепак до крајот на третата четвртина, МЗТ Скопје успеја да се консолидира, помогна и четвртата лична грешка на Ковач, без кој Сутјеска не делуваше опасно во нападот па до 30 минута аеродромци повторно го земаа водството во свои раце (68-65). Зоната на Сутјеска ги натера аеродромци да се потпрат на шутот од далечина и создаде проблеми, додека поранешниот „штрк“ Милошевиќ го полнеше кошот на аеродромци. Водството повторно беше во рацете на Црногорците, но истото не траеше долго. Враќањето на Олуџоби донесе стабилност во играта на МЗТ Скопје, помогнаа и Бојиќ и Карачиќ па „сино-белите“ ги земаа работите во свои раце. МЗТ поведе, а клучот на овој натпревар го ставија Магдевски и Готчер кои со две тројки во последните две минути до крајот го одведоа својот состав на 90-82.

Со 24 поени најрасположен во македонскиот состав беше Феми Олуџоби, додека Тодрик Готчер додаде 16 поени и 8 асистенции. Како двоцифрен натпреварот го завршија и Андрија Бојиќ и Дамјан Стојановски, кои дададоа 14 поени и 7 скока, односно 12 поени и 3 асистенции.

Се вчитува...