Американскиот бек Ноа Фарахан (25 години, 185 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје, откако денеска и официјално стави потпис на договорот со нашиот клуб.
Станува збор за квалитетен плејмејкер, кој зад себе веќе има една европска сезона. Истата ја почна во босански Студент, продолжи во Игокеа и Борац Бања Лука, а ја заврши во словачкиот прволигаш Комарно. Универзитетската кариера ја започна во Источна Каролина, по што настапуваше и за Вест Вирџинија, како и за Хемптон Пајратс. Минатото лето одигра четири натпревари во дресот на Сан Антонио Спарс во Летната НБА-лига, каде што дополнително го потврди својот потенцијал.
Македонската кошаркарска јавност добро го памети неговото издание токму против МЗТ Скопје во АБА2 лигата, кога постигна 27 поени и седум асистенции. Фарахан е второто странско засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по босанскиот центар Емир Крајиниќ.
Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов.
Во сезоната што следува МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
