МЗТ Скопје со „брејк“ во Гевгелија на чекор до титула

МЗТ Скопје со „брејк“ заминува од Гевгелија каде „сино-белите“ славеа во вториот финален натпревар против екипата на Еуро Никел со 91-95. Кавадарчани повторно подобро го започнаа натпреварот, но МЗТ Скопје екпресно се врати до полувремето по што следеше неизвесен натпревар, а актуелниот шампион славеше на крилјата на Андреј Магдевски кој постигна девет поени во последните три и пол минути.

Натпреварот започна во одлично напаѓачко темпо на двете страни од паркетот, а го красеше изедначеноста која траеше во поголемиот дел од првата четвртина. Еуро Никел преку одличниот проток на топката стигаше до лесни поени, а на МЗТ Скопје не му помогна тоа што го контролираше скокот па преку подобриот финиш на последните десет минути, домаќините имаа предност од 30-22. Како што одминуваше натпреварот така падна и ритамот во редовите на домаќините. „Сино-белите“ ја зацрврстија одбраната, а тоа резултираше со изгубени топки и тешки шутеви на кавадарчани. Избраниците на Радуловиќ одлично трчаа во транзиција и веќе до средината на втората четвртина успеаја да ја превземат предноста. Кавадарачани навремено ги консолидираа своите редови, заиграа подобро во нападот па на полувремето имаа предност од 47-45.

Еуро Никел најде решение во рекетот на аеродромци на почетокот на второто полувреме па набргу ја зголеми предноста на +8 (53-45), но високите играчи на МЗТ Скопје одговорија на ист начин и експресно ја вратија неизвенсота која продолжи до крајот на третата четвртина (69-67). Играта „кош за кош“ продолжи во поголемиот дел од последната четвртина, а при резултат 79-79 белсна Андреј Магдевски кој прво со украдена топка во контроверзна ситуација придонесе за лесни поени на спротивната страна, а репрезентативецот потоа поентираше три пати по продор, погоди и шут за три поени за превисоки +8 (83-91) на една минута до крајот на мечот што за ваков натпревар беше преголема предност.

Роберт Рикиќ одигра фантастичен натпревар кој го заврши со дабл-дабл од 31 поен и 12 скока, Дарко Соколов додаде 16 поени и 4 скока, него го следеше Џексон Дубински со 13 поени и 7 асистенции, додека како двоцифрени со 12, односно 11 поени натпреварот го завршија Мијатовиќ и Караколев.

Бојан Крстевски беше предводник на МЗТ Скопје со 22 поени и 5 скока, Андреј Магдевски додаде 20 поени, 5 скока, 5 асистенции и 5 украдени топки, Хасани Гравет броеше до 15 поени, а додаде и 7 асистенции, додека со 14 поени и 9 скока натпреварот го заврши Феми Олуџоби.

Се вчитува...