МЗТ Скопје со моќен старт во плејофот

МЗТ Скопје убедливо го стартуваше плејофот во кошаркарскиот шампионат на Македонија откако актуелниот првак рутиснки славеше во првиот меч од четвртфиналната серија со Гостивар со резултат 87-68. Очекувано, „металците“ како први носители во плејофот не видоа мака против гостиварци, од самиот старт наметнаа темпо што гостите не можеа да го следат и стигнаа до убедлив триумф.

Победникот беше решен уште во првата четвртина, откако МЗТ тргна фуриозно од самиот старт поведувајќи со 11-0 по нецели пет минути, завршувајќи го овој дел од мечот со 25-10. Гостивар парираше подобро во втората четвртина што аеродромци ја добија со минимални 24-22, за МЗТ Скопје да продолжи со одличното издание и во третиот период, влегувајќи во последните 10 минути со водство од 73-50. Удобното водство овозможи шанса да добијат и дел од резервните кошаркари на „металците“, но тоа не се одрази врз конечниот резултат, МЗТ лесно ја контролираше убедливата предност и на крајот триумфираше со „плус 19“.

Танасковиќ беше најефикасен во победничкиот состав со 21 постигнат поен, Баковиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и девет скокови, додека Војдан Стојановски имаше девет поени, седум скокови и седум асистенции. Најдобри поединци во таборот на Гостивар беа Слејтер со 22 и Вилијамс со 12 поени.

Се вчитува...