МЗТ Скопје со пораз од Рогашка се враќа од Златибор

МЗТ Скопје го забележа и првиот пораз во новата сезона на АБА2 лигата откако во вториот натпревар од „балонот“ на Златибор загуби од Рогашка со 80-64. Аеродромци денеска не беа ни блиску до нивото кое го прикажаа на дуелот против Младост. Потфрлија во реализацијата за три поени (24%), слободните фрлања (53%), а забележаа и 18 изгубени топки.

МЗТ Скопје подобро го започна натпреварот и благодарение на погодените обиди за три поени на Мекиќ и Робев стигна до водство од 5-10, но „сино-белите“ не го задржаа добриот напаѓачки ритам. Рогашка одговори со добра одбрана која го запре нападот на македонскиот преставник три и пол минути и со серија од 10-0 стигна до предност (15-10). Аеродромци успеаја да се вратат во игра со нов обид зад линијата 6,75, но не и да поведат по 10. минути игра (17-13). Одличниот моментум кој го наметна словенскиот состав продолжи и до крајот на првото полувреме. Рогашка одигра одлично на двата дела од теренот, ја контролираше играта и од минута во минута ја зголемуваше предноста која на полувремето гласеше убедливи +16 (45-29).

Аеродромци успеаја да ја стабилизираат својата игра на отварањето на второто полувреме, одиграа далеку подобро во одбраната каде дозволија само 17 поени во третата четвртина, но не успеаја и да го фатат правиот напачаки ритам. Грешките во нападот и промашените слободни фрлања го чинеа МЗТ Скопје можност за разликата да се сведе на едноцифрена пред одлучувачката четвртина, во која Рогашка влезе со предност од 62-51. Словенците кои беа подобриот противник на денешниот натпревар ја стабилизираа својата игра и во последните десет минути не дозволија враќање на „сино-белите“, напротив ја зголемија предноста која во еден момент изнесуваше и 20 разлика за лесен триумф.

Лидери на МЗТ Скопје со по 12 постигнати поени беа Стојановски и Дејвис на кои Американецот додаде и 10 скокови, а како двоцифрени со по 10 поени натпреварот го завршија и Мекиќ и Вер.

Се вчитува...