МЗТ Скопје со пораз од Златибор го завршува регуларниот дел на АБА2

МЗТ Скопје со пораз го завршува настапот во регуларниот дел од АБА2 лигата откако загуби од Златибор со 88-84. Аеродромци кои на овој натпревар настапија без Војдан Стојановски повторно потфрлија одиграа лоша прва четвртина во која шест минути не успеаја да постигнат поени, па и покрај тоа што до крајот на мечот ја вратија резултатската неизвесност не успеаја да направат целосен пресврт.

По изедначените воведни минути, Златибор успеа целосно да го наметне своето темпо по што македонскиот состав повторно се загуби на теренот. Тимот од Чајетина одигра одлично во одбраната и нападот па преку серија од 20-0 која целосно го запре нападот на МЗТ Скопје цели шест минути стигна до висока преднсот од 29-14 по 10. минути игра. Аеродромци успеаја да ги консолидираат своите редови во втората четвртина, но и покрај тоа што заиграа далеку подобро на двете страни на теренот не успеаја целосно да се вратат во игра па заостана девет поени на полувремето (44-35).

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое МЗТ Скопје продолжи да брка негатива, но секој обид за камбек на „сино-белите“ беше неутрализиран од Златибор кој одолеа на налетот и ја задржа позитивата по 30. минути игра (65-57). МЗТ Скопје не се предаде, продолжи со добрата одбрана и во последната четвртина во која од минута во минута ја топеше негативата за на минута до крајот Стојановски со едно реализирано слободно фрлање да донесе изедначување (82-82). Аеродромци имаа шанса и да поведат, а откако Милошевиќ со прекршок во напад го „прокоцка“ можното водство за својот тим, го запечати поразот со неспортска лична грешка која Николиќ ја искористи за ново водство на тимот од Чајетина, а победата ја осигура поранешниот кошаркар на „сино-белите“ Немања Протиќ.

Со 19 поени и 11 скока прво име кај МЗТ Скопје беше Адем Мекиќ, додека него го следеа Милошевиќ со 17 поени и 7 скока и Дејвис со 15 поени и 10 скока. Кутлешиќ беше лидер на гостите со 25 поени и 8 асистенции, додека поранешниот „штрк“ Протиќ додаде 22 поени.

И покрај поразот МЗТ Скопје останува на првата позиција на табелата во пресрет на завршниот турнир на АБА2 кој ќе се одржи во Скопје. Противникот во четвртфиналето „сино-белите“ ќе го дознаат по завршување на мечот помеѓу Младост и Сутјеска.

Се вчитува...