МЗТ Скопје со три победи во низа се враќа од Златибор

МЗТ Скопје одигра речиси перфектни 40 минути, во кои единствената слаба точка на „штрковите“ беа слободните фрлања каде реализираа 7 од 16 обиди, за убедлив триумф од 99-75 против Борац Бања Лука во АБА 2 лигата. Преку агресивна одбрана „сино-белите“ го нарушија ритамот на составот од Бања Лука, додека по почетните минути, го затворија и рекетот, најдоброто оружје на противникот па сосема заслужен триумф.

Натпреварот започна со центарска битка во која главната улога ја имаа Бојиќ на едната и Танасковиќ на другата страна, меѓутоа истата не траеше долго бидејќи МЗТ Скопје во првото полувреме излезе со целосниот арсенал. Аеродромци одиграа речиси перфектно во нападот каде постигнуваа поени под обрачот, погодуваа и шутеви за три, одличен беше и протокот на топката. Во еден момент шутираа и со 65% реалзација, а агресивната одбрана на бековската линија на Борац тотално го наруши ритамот на тимот од Бања Лука. Одлични минути имаа и играчите од клупата, па не е воопшто случајно што на полувремето заминаа со предност од 57-37.

Македонскиот тим моментумот го пренесе и во второто полувреме, гостите немаа одбрана за одличниот Олуџоби па во еден момент МЗТ Скопје стигна и до предност од +28 (79-51). Сосема очекувано, ритамот на „сино-белите“ опадна во последната четвртина во која Ѓорѓи Кочов ги штедеше првите играчи на тимот, но составот од БиХ не успеја да ја намали предноста.

Центарскиот двоец во редовите на „сино-белите“ Бојиќ-Олуџоби повторно го предводеше својот тим, овој пат со 26 поени и 5 скока, односно 22 поени и 6 скока. Како двоцифрен натпреварот го заврши и Хасани Гравет кој дополни 19 поени и 3 асистенции.

Се вчитува...