МЗТ Скопје убедливо поразен од Морнар, по залудното одлично прво полувреме (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го запишаа и петтиот пораз во шестиот натпревар во регионалната АБА-лига, овој пат на дуелот во „Јане Сандански“ во Скопје од црногорскиот Морнар со 77-94.

И покрај тоа што „металците“ одиграа главно рамноправен дуел, пресудија катастрофално одиграните пет минути од третиот период и серијата од 0-14 на гостите која го даде, на крај, конечниот победник.

А, македонскиот состав одлично го почна мечот, беспрекорно во офанзивата со максимална контрола на играта и постојана предност. Одличниот напад резултираше со предност од 27-22 по првата четвртина за МЗТ Скопје Аеродром.

Бојан Крстевски беше тој кој ја одржуваше предноста на „металците“ наспроти обидите на Црногорците водени од Расел да дојдат до пресврт. Кошаркарите на Морнар успеаја на пет минути до крајот на полувремето да дојдат до 35-35 но потоа одличен беше Крстевски со извонредна серија за предност од 47-44 на полувремето. Крстевски полувремето го заврши со 17 постигнати поени и две асистенции, а Кафи во првиот дел постигна 9 поени.

И сето тоа во првиот дел, уништено во второто полувреме. МЗТ лошо го почна вториот дел дозволувајќи серија од 0-9 на гостите од Бар кои дојдоа до 47-53 во првите три минути од третата четвртина. Конечно Војдан Стојановски ја прекина серијата на Морнар со тројка, за 50-53. Продолжи серијата за со кошот на Дамјан Стојановски, во шестата минута од третиот период македонскиот тим со серија од 7-0 да ја врати предноста на 54-53. Сепак, следи голем пад во играта на МЗТ, најлошиот период од мечот кој го одлучи победникот. Неверојатна серија од 0-14 за гостите за предност од 54-67, и во финишот на третиот период конечно тројка на Кафи за 57-67 пред последната четвртина.

А, во последниот период од играта цврста игра во одбраната на двете екипи, и Бојан Крстевски единствено расположен за игра кај МЗТ за одржување на резултатското растојание. Под водство на Ајви се дојде до 66-74 на седум минути до крајот, но сето тоа залудно пред бројните грешки во нападот во продолжението, па на крајот Црногорците дојдоа и до убедлив триумф од 77-94. Морнар ја запиша и третата своја победа во АБА-лигата од шест дуели.

Најдобар поединец кај МЗТ беше Бојан Крстевски со 22 поени, 12 поени постигна Кафи а со 9 поени мечот го заврши Максвел. Кај гостите се издвоија Михаиловиќ со 25 постигнати поени и Расел со 22 поени.

 

 

Се вчитува...