МЗТ Скопје во неизвесен меч осигура место во плејофот на АБА2

МЗТ Скопје успеа да го осигура своето место во плејофот на АБА2 лигата откако во неизвесна завршница славеше над Горица со 77-73. Аеродромци одлично го започнаа натпреварот, но десеткуваниот состав на Радуловиќ не успеа да го одржи високиот напаѓачки ритам до крајот на средбата. Падот во играта на „сино-белите“ на прав начин не го искористи ниту хрватскиот претставник, па на крајот составот од Аеродром се радуваше на седмата победа во првенството.

МЗТ Скопје расположено го отвори натпреварот. Горица одигра добра одбрана во својот рекет, но „сино-белите“ одлично одговорија со шут од далечина. Комбинираната одбрана го запре течниот напад на хрватскиот состав, па аеродромци поведоа и со двоцифрена предност, но брзото исполување на бонусот дозволи Горица да се одржува во игра преку слободните фрлања. Хрватите на крајот на првите десет минути ја искористија висината во рекетот, па успеаја да ја намалат предноста на „штрковите“ на 29-21. Напаѓачкиот ритам на МЗТ Скопје целосно запре до крајот на првото полувреме, а тоа го искористи Горица која преку добриот моментум и играта во рекетот целосено се врати во мечот. На избраниците на Радуловиќ не им помогнаа ниту тритте лични грешки на Тарнер и Карачиќ, без кои запре течниот напад и добрата заштита на рекетот, па хрватскиот состав успеа и да изедначи при крајот. Сепак добрата одбрана донесе лесни поени за „штрковите“ на самиот крај на средбата, па аеродромци ја задржаа предноста на полувремето (40-36).

Зонската одбрана на Горица тотално го наруши напаѓачкиот ритам на МЗТ Скопје на отварањето на второто полувреме во кое „сино-белите“ продолжија со шутерска агонија. Лошиот напад на македонскиот состав кој постигна само три поени за нешто повеќе од шест минути го искористија Хрватите, кои го превземаа и водството. Преголемиот број на лични грешки на скратениот ростер на Радуловиќ не дозволи „металците“ да одиграат агресивно во одбраната, но и Горица не беше на врвот на својата задача. Влезот на Бојиќ донесе стабилност во играта на МЗТ Скопје под обрачот па „сино-белите“ повторно го превземаа водстовто по 30. минути игра (53-51). Двата тима се мачеа во нападот и во последните десет минути. МЗТ Скопје и Горица промашуваа отворени обиди за три, од линијата за слободни фрлања, губеа топки во нападот, па скромната игра „кош за кош“ траеше се до последните две минути од средбата кога МЗТ Скопје на крилјата на Крстевски и неговите пет поени во низа успеа да стигне до предност од пет поени, кои беа недостижни за Хрватите.

Адем Мекиќ беше предводник на МЗТ Скопје со 16 поени, додека него го следеше Бојан Крстевски со 14 поени и 3 скока. Френк Тарнер додаде 13 поени и 8 асистенции, додека како двоцифрен со 10 поени, на кои додаде и 3 скока и 3 асистенции натпреварот го заврши Дамјан Стојановски.

Се вчитува...