МЗТ Скопје: Во преговори сме со домашни и странски компании за поголема финансиска стабилност на клубот

По денешната информација на ЕКИПА околу можноста еден од најдобрите македонски клубови до крајот на сезонава да добие странски сопственици, се огласија и од канцеларијата на МЗТ Скопје Аеродром од каде потенцираат дека не се планирани промени на сопственичката структура во клубот.

Сепак, „аеродромци“ нагласуваат дека во тек се преговори со домашни и странски компании кои треба да донесат поголема финансиска стабилност на клубот, од онаа актуелната.

Соопштението на КК МЗТ Скопје Аеродром ви го пренесуваме во целост:

По повод денешните пишувања за некакво влегување на нови газди во КК МЗТ Скопје Аеродром АД Скопје, би сакале да ја известиме јавноста дека сопственичката структура на клубот останува иста каква што е уште од формирањето на акционерското друштво и дека не се планирани никакви промени во тој дел, како и дека клубот не се соочува со никакви финансиски проблеми, што исто така е споменато во написите.

Управата на КК МЗТ Скопје Аеродром е во секојдневна комуникација со голем број успешни компании од земјата и од странство во обид стабилноста на финансиски план да биде уште поголема, а неколку од нив веќе изразија сериозна заинтересираност да станат дел од нашиот спонзорски тим. Истовремено, нашиот клуб располага со идеални услови какви еден спортски колектив во Македонија само би можел да посака, кои ќе продолжиме да ги користиме не само во трката по трофеи и достојна презентација на меѓународен план, туку и за правање расадник на млади таленти од кои бенефит би имала целокупната македонска кошарка.

А, за било каква покрупна промена во клубот, без разлика дали тоа е на организациски или на спортски план, ние веднаш ќе ја известиме јавноста, како што сме правеле и досега. Исто така, остануваме транпарентни и секогаш достапни и за сите други прашања кои медиумите ги имаат за работата поврзана со КК МЗТ Скопје Аеродром.

Се вчитува...