МЗТ Скопје за 48 часа поднесува иницијатива за смена на Антиќ

Незадоволните клубови на почетокот од оваа седмица ќе покренат иницијатива за недоверба во актуелното раководство на КФСМ, а барањето за Вонредно Собрание ќе биде поднесено од актуелниот шампион МЗТ Скопје, дознава ЕКИПА. Во изминатите денови иницијаторите за промени активно работеа на терен за да ги обезбедат неопходните потписи за свикување на Вонредно Собрание, неопходниот „кворум“ е осигуран и се очекува во следните 48 часа претставници на МЗТ во просториите на КФСМ и официјално да побараат свикување на Собрание за недоверба во работата на актуелното раководство.

„Металците“ во изминатите триесетина дена беа во битка со Перо Антиќ и неговите соработници околу завршувањето на сезоната, на крајот губејќи ја борбата откако шампионатот беше поништен без да биде именуван првак. Војната продолжува, па токму МЗТ Скопје ќе биде клубот што официјално ќе ја поднесе иницијативата за свикување на Вонредно Собрание.

За такво нешто доволни се 12 потписи од клубови (една третина од членки на Собранието), но според најавите се очекува да бидат потпишани поголем број на екипи, како знак на поддршка на иницијативата за промени во мак-баскетот. По нејзиното поднесување, Антиќ е должен во рок од 15 дена да свика Вонредно Собрание на кое ќе се гласа за (не)доверба во успешноста за неговото раководење со куќата на кошарката.

Се уште е неизвесно дали на истото собрание во случај на смена на Антиќ ќе биде гласано за негов наследник, или само би се констатирало заминувањето на актуелниот претседател и би било свикано ново Изборно Собрание.

Се вчитува...