МЗТ тргнува во акција: Ефремовски и Петков се желби на „металците“

МЗТ Скопје без многу мака стигна до десеттата шампионска титула, а македонскиот првак веќе ги крои и плановите за наредната натпреварувачка сезона. Едно е сигурно, „металците“ ќе немаат во своите редови така скапи странски кошаркари како што тоа беше случај сезонава, а традиционално најпрвин ќе се формира костурот од домашни играчи, по што тимот ќе биде дополнен со квалитетни странски засилувања.

„Металците“ веќе почнаа со преговори со кошаркарите кои се желба на тренерот Атанасов, a еден е и репрезентативецот Виктор Ефремовски. Станува збор за играч кој долги години ги бранеше боите на лутиот ривал Работнички, потоа Ефремовски се пресели во Гостивар, но одличниот шутер сега сериозно размислува за нов предизвик во кариерата, и тоа како член на десеткратниот шампион на Македонија. За овој кошаркар постои интерес од уште неколку прволигаши, но аеродромци се оптимисти дека ќе успеат да го комплетираат овој трансфер.

Желба на МЗТ е и Марин Петков, младиот плејмејкер кој игра се подобро во дресот на скопскиот прволигаш Феникс. Младинскиот репрезентативец на Македонија имаше одлична сезона во дресот на Феникс, a „металците“ му нудат повеќегодишен договор со кој тој би бил долгорочно решение за плејмејкерската позиција.

Се очекува преговорите да се интензивираат во наредните денови, а раководството на шампионот се надева на потписи до крајот на месецот, за потоа погледите да се насочат кон странските кошаркари кои летово би пристигнале во „Јане Сандански“.

Се вчитува...