МЗТ во драматичен финиш до триумф во Куманово (72-76)

Кошаркарите на МЗТ Скопје триумфираа на гостувањето против Куманово со 72-76 во 18. коло од Првата македонската кошаркарска лига, со што ја продолжуваат битката за првото место пред плеј-оф завршницата од шампионатот.

МЗТ до победата дојде благодарение на поквалитетниот финиш кога успеа да ја анулура предноста на домашните на крајот од третиот период и да стигне до триумфот. Тренерот на „металците“ се одлучи натпреварот да го одигра без тројца стандардни првотимци, Самарџиски, Иванов и Вудард кои не добија ниту една секунда во желбата за одмор пред реванш полуфиналната пресметка од АБА 2 лигата против сараевски Спарс.

Но, и без нив МЗТ стигна до триумфот благодарение на одличната игра на Дамјан Стојановски кој имаше 18 поени, 12 скока и четири асистенции. Одличен беше и Бојиќ со 19 поени, а Магдевски мечот го заврши со 13 поени. Симоновски заврши со 12 постигнати поени.

Во поразениот состав на Куманово се издвоија Пенов со 16 и Мекиќ со 15 поени.

По оваа победа МЗТ Скопје е со 15 победи и три порази на врвот од табелата заедно со Работнички кој има 15 победи и два порази.

Кожув славеше против Фени Индустри со 74-63, стигнувајќи на тој начин до десеттата победа во шампионатот. Извонреден во редовите на Кожув беше Девонта Вилијамс со 34 поени, 11 скока и седум асистенции.

Се вчитува...