МЗТ во исчекување: Колку е сериозна повредата на Дамјан Стојановски?

МЗТ Скопје стигна до голема победа во Гевгелија над Блокотехна, но шампионот скапо го плати овој триумф со повредата на Дамјан Стојановски. Капитенот настрада на самиот почеток од второто полувреме, откако Двејн Бенџамин при една акција сосема случајно налета директно на ногата на Стојановски, по што Дамјан излезе од игра и повеќе не се врати на теренот.

Станува збор за проблем со коленото, но првичните прогнози велат дека повредата не е премногу сериозна. Сепак, „металците“ со нетрпение ги очекуваат резултатите од деталните прегледи, кои ќе дадат до знаење кога тренерот Кочов би можел повторно да го има Стојановски на располагање.

МЗТ Скопје во следното коло ќе го пречека Гостивар, а на 14 април ќе се игра првото суперлигашко дерби со Работнички, дуел на кој евентуалното отсуство на Дамјан Стојановски би бил огромен проблем за „металците“.

Се вчитува...