МЗТ во „македонска мисија“: Соколов и Маслинко остануваат, следни се Дамјан и Симоновски

МЗТ Скопје по потписот на новиот договор со тренерот Ѓорѓи Кочов се насочи кон екипирање на ростерот за наредната сезона. Приоритет се македонските кошаркари, па по вчерашниот потпис со Љубомир Младеновски, денеска беше обелоденето дека и во наредната сезона дресот на „металците“ ќе го носат Дарко Соколов и Андреј Маслинко.

Сино-белите ја искористија клаузулата од договорот за да го задржат талентираното крило и за следната сезона, во која се очекува тој да прикаже уште подобри партии и да се етаблира во еден од носителите на играта на клубот од Аеродром. Маслинко минатата сезона настапи на 22 средби во домашното првенство со просек од седум поени и 4,9 скока додека во АБА-лигата одигра 14 натпревари.

Соколов уште при доаѓањето во таборот на вицешампионот во декември минатата година, потпиша договор на една ипол години поради што неговото останување во дресот на „металците“ воопшто и не беше ставено под знак прашалник. Ветеранот се очекува со своето искуство да даде дури и поголем придонес во следната сезона, откако во неодамна завршеното првенство на Македонија имаше просек од 7,5 поени и 2,3 скока на 25 меча во сино-белиот дрес. Во АБА-лигата, пак, настапи на седум средби со просечна реализација на 6,1 поен и 2,3 асистенции.

Како што информираат од страна на раководството на аеродромскиот прволигаш, во тек се преговорите со уште двајца домашни играчи, Дамјан Стојановски и Марко Симоновски. Дури по формирањето на костурот од македонски играчи, „металците“ ќе се насочат кон засилувањата од странство, каде меѓу желбите се споменува и името на Американецот Бенџамин од тимот на Блокотехна.

Се вчитува...