МЗТ во нова АБА-офанзива: Деби на Војдан во дресот на „металците“ против Сутјеска

МЗТ Скопје денеска го игра првиот дуел од АБА2-турнирот во Бања Лука, каде „металците“ за ривал со почеток во 15 часот ќе го има црногорскиот претставник Сутјеска. Македонскиот првак се наоѓа во одлична серија од шест победи во АБА2-лигата, моментно е второпласиран на табелата, а за овој турнир ќе биде дополнително засилен со Војдан Стојановски, кој минатата седмица го комплетира трансферот во таборот на аеродромци.

Покрај капитенот на македонската репрезентација, дебито во дресот на МЗТ против Сутјеска ќе го има и Американецот Морис Кари, кој пристигна како засилување по заминувањето на Вер. Лоша вест пак за тренерот Радуловиќ е отсуството на Дамјан Стојановски, кој ќе мора да паузира извесно време по повредата на последниот лигашки дуел со Куманово.

„Сутјеска е исклучително цврста екипа, која негува стил на игра карактеристичен на Партизан од времето кога тренер на оваа екипа беше Душко Вујошевиќ. Ќе мора да бидеме максимално енергични во одбраната, да ја сопреме нивната игра под кошот и да ги наттрчаме. Во мечот мора да влеземе мотивирани и решителни, со голема самодоверба и само така ќе може да дојдеме до посакуваната цел, а тоа секако е победа“, изјави Дарко Радуловиќ во пресрет на денешниот натпревар.

По дуелот со Сутјеска, МЗТ Скопје до крајот на турнирот во Бања Лука ќе ги одмери силите и со екипите на Подгорица (в среда) и со Војводина (в сабота).

Се вчитува...