МЗТ во потрага по Македонци – преговори со Мекиќ и со Бакоч

МЗТ Скопје го реши тренерското прашање потпишувајќи нов договор со Ѓорѓи Кочов, па сега вниманието се насочува кон формирање на „костур“ од македонски играчи кои ќе го носат дресот на аеродромци во новата сезона. Капитенот Дамјан Стојановски потпиша нов договор, актуелни договори имаат и центарот Крстевски и плејмејкерот Магдевски, а управата веќе почна да разговара за ангажман на Адем Мекиќ и Филип Бакоч.

Мекиќ долги години беше дел на МЗТ Скопје, но не добиваше преголема минутажа. Потоа се пресели во Куманово, а ланската сезона ја мина во дресот на Пелистер. Мекиќ го имаше договорено враќањето во МЗТ непосредно пред епидемијата, трансферот не се реализираше поради прекинот на сезоната, но сега преговорите се обновени за соработка од самиот старт на новата сезона. „Металците“ се заинтересирани и за поранешниот младински репрезентативец Бакоч, кој имаше успешна сезона во дресот на Еуро Никел.

„Наш приоритет е да составиме добра база од домашни кошаркари, па потоа тимот да го комплетираме со квалитетни странци. Дамјан Стојановски потпиша нов договор, тука се и Магдевски и Крстевски, а во преговори сме да го задржиме и Маслинко. Останува да видиме дали ќе остане и Николов, а од останатите играчи засега сме во контакт со Мекиќ и со Бакоч. Целта ни е да не го ослабиме вториот тим на МЗТ, веруваме дека младите играчи по искуството од лани во новата сезона ќе прикажат многу подобри игри и резултати“, изјави директорот на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров.

Се вчитува...