Откако Работнички преку соопштение даде друга диманзија на финалната серија. Денеска, пред вториот меч со соопштение се јавија и од таборот на МЗТ Скопје.
Соопштението од МЗТ Скопје Аеродром го пренесуваме во целост.
„Наместо денеска да бидеме целосно сконцентрирани кон тоа што ќе се случува на паркетот во вечерашниот втор финален плејоф-меч, нашите мисли и фокус присилно се насочени на друга страна и тоа само поради неразбирливата одлука на управата на нашиот противник Работнички да не дозволи слободна продажба на билети за овој натпревар,
Како капак на сѐ, тие и не го испочитуваа меѓусебниот договор за размена на влезници за навивачите на двата тима, па наместо 200, колку што тие добија од нас за првата средба, денеска ни доставија 50 билети помалку, иако нашите потреби во моментов се и неколкукратно поголеми од оваа бројка.
Па, до кога со вакви ниски игри, господа од Работнички? До кога вашиот личен интерес ќе ви биде пред интересот на кошарката во целост? Зарем не можевте да го прифатите нашиот пример за организирање финален меч, кога во саботата во „Јане Сандански“ буквално секој можеше да дојде на трибините без разлика за кој клуб навива? Секој симпатизер на вашиот клуб, надвор од групата која претходно доби 200 влезници, можеше да си купи билет на каса и да си дојде да ги бодри своите миленици. Зошто сега ваквото право им го нарушувате на нашите навивачи и симпатизери, но и на сите останати кошаркарски вљубеници во државата? Особено што натпреварот се игра во салата „Борис Трајковски“, која ги има сите услови за организирање спектакл идентичен на тој во нашата сала. Претходно „Градски парк“ ви беше алиби за вакви потези, но сега го загубивте и тој „аргумент“.
Ова воедно треба да биде проблем и за КФСМ и новиот претседател Перо Антиќ, кој мора да се заинтересира за ваквиот неспортски чекор од таборот на црвено-белите. Со несфатливиот потег на управата на Работнички се руши имиџот на македонската кошарка, а тоа е нешто што тој никако не смее да го дозволи како носител на највисоката функција во макбаскетот.
Бидејќи, ако пресметката на двата најголеми кошаркарска клуба во државата не е достапна на секој спортски вљубеник и тоа кога се игра за шампионскиот трофеј во сала со капацитет од 7.000 седишта, тогаш навистина не ни е јасно како некој воопшто може да говори или да се надева дека овој спорт во скоро време ќе се врати во европскиот врв“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА