МЗТ загуби од Сплит и во „дербито на дното“ во АБА лигата!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром потклекнаа пред својата публика и во „дербито на дното“ во регионалната АБА лига, доживувајќи пораз од Сплит од 80-85.

Во 12. коло од регионалното натпреварување „аеродромци“ не успеаја да извлечат победа ниту против претпоследнопласираниот Сплит кој до триумфот дојде по одлично одиграната последна четвртина која ја доби убедливо со 17-26.

А, целиот натпревар се одигра низ израмнети минути со тоа што македонскиот тим на полувремето замина со предност од 41-40. Пред последната четвртина МЗТ влезе со предност и од 63-59, но потоа следеше потоп во последните десет минути. Гостите беа одлични во одбраната, а имаа ефикасен напад за сосема заслужена победа на крајот.

Најефикасен во таборот на „металците“ беше Војдан Стојановски со 17 поени, а кај гостите предводеа Нелсон со 18 поени, Калајџиќ со 17 и Шортер со 16 постигнати поени.

На тој начин МЗТ Скопје остана закован на дното од табелата со само две победи, наспроти сега и 10 порази, додека Сплит се издвои сега со четири победи и осум порази.

Се вчитува...