МЗТ зема замав, Пелистер губи здив (Фотогалерија)

МЗТ Скопје засега добро го минува почетокот на „пеколниот април“, месец во кој „металците“ ќе имаат серија исклучително тешки натпревари. „Сино-белите“ настрадаа во Гостивар, но во меѓувреме успеаја да се консолидираат, го совладаа Куманово, а денеска го решија и лидерот Пелистер.

„Металците“ наскоро дополнително ќе се засилат со капитенот Дамјан Стојановски, а тренерот Радуловиќ мора да го радува и фактот дека клучните поени вечерва ги постигна Бакоч, играч кој досега нема голема минутажа, но со зголемена самодоверба би можел да биде од помош во завршницата од сезонава.

МЗТ зема замав токму кога е најважно, а Пелистер почнува да губи здив. Битолчани играат најубава кошарка од стартот на сезонава, бројни натпревари завршија со над 100 постигнати поени, но загубија три од последните четири средби (славеа само над отпишаниот Црн Дрим). Дополнителен проблем денеска им беше отсуството на тренерот Илиевски, кој по враќањето на клупата ќе има полни раце работа да го врати тимот во посакуваниот турбо-ритам, за плејофот и завршницата од Купот на Македонија.

Се вчитува...