ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонската ракометна репрезентација денеска го игра вториот меч од главната фаза од СП 2025, против селекцијата на Катар со почеток од 15.30 часот.
Македонија има два бода на табелата во оваа главна рунда, зад нас е само Катар кој е без бодови, но тоа воопшто не значи дека нашите ракометари ќе имаат лесна задача на денешниот натпревар. Катарците предводени од Веселин Вујовиќ пред два дена покажаа квалитет и карактер губејќи минимално од Холандија со гол во последната секунда.
„Она што морам прво да го направам е да го кренам тимот, како физички, така и на психолошки план бидејќи не е исто Кузмановски да даде гол за реми од 13 метри и ние да примиме гол од девет метри за пораз. Мораме да се вратиме за да можеме да одиграме квалитетно, мислам дека Македонија како ривал повеќе ни одговара во споредба со селекцијата на Холандија која игра премногу брзо. Задоволен ќе бидам ако одиграме како што знаеме, не знам дали тоа ќе биде доволно за победа, но ако играме на највисоко ниво јас ќе сум среќен, без оглед на конечниот исход, ако загубиме ќе честитам. Тешко е да се прогнозира, но ако морам би рекол дека Македонија е благ фаворит, но во секој случај ќе биде интересно и неизвесно“, прокоментира Веселин Вујовиќ по тој дуел со Холандија, во пресрет на пресметката со нашата национална селекција.
Катар е највозрасна репрезентација на овој светски шампионат, па нашата полетност и брзина во играта би требало да биде значаен адут во битката за победа.
„Не очекува дуел со една пред се квалитетна и искусна екипа која што го покажа тоа на последниот натпревар со Холандија во кој беа егал до самиот крај. Ние сме една помлада репрезентација од нив и тоа ни е некоја предност која треба да ја искористиме за да дојдеме до позитивен резултат со оглед на тоа што за нас ова е петти меч на првенството. Секогаш кога играм во дресот на Македонија и пред навивачите се чувствувам мотивирано, така мислам дека е и целата наша екипа. Имаме уште помалку од еден ден, треба времето да го искористиме за најдобра анализа и да излеземе на терен да победиме. Ако имаме добра одбрана и добра полуконтра, можеме да победиме“, изјави Игор Ѓорѓиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА