На Нејмар му пукна филмот, сака што поскоро да си замине од ПСЖ

ПСЖ се подготвува за сериозен ремонт во претстојниот преоден рок, а Нејмар е подготвен да ги следи стапките на Меси и да си замине од „Паркот на принцовите“. Францускиот гигант повеќе од една година се обидува да се ослободи од бразилскиот голгетер, кој пак од друга страна упорно инсистираше дека е среќен во Париз, каде заработува вистинско богатство од над 30 милиони евра по сезона.

Сепак, зголемиот притисок од навивачите, кои пред неколку дена се собраа и пред куќата на Нејмар упатувајќи навреди кон Бразилецот како да го сменија целосно ставот на екс-ѕвездата на Барселона. Како што јавува весникот „Л’Екип“, Нејмар веќе го известил својот агент да почне да му бара нов клуб, а за пресвртот во ситуацијата се известени и челниците на ПСЖ, кои ќе сторат се од своја страна за да го убрзаат процесот на заминување на Бразилецот.

Проблем ќе претставува преголемата плата на Нејмар, поради што како опција се споменува позајмица на една година, со можност за целосен откуп во 2024 година. За ваква варијанта се заинтересирани челниците на Манчестер Јунајтед, потоа Челси, но и Њукасл, кој сака токму Нејмар да биде клучното засилување во наредната сезона во која „црно-белите“ по долга пауза ќе се вратат во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...