„На Пелистер му фали сала, тренинзите во зима се самоубиство“

Вјачеслав Остроушко е еден од најголемите „скитници“ во европскиот ракомет, украинскиот бек во последните 16 сезони промени дури 14 клубови. Последната сезона тој ја мина во дресот на Работник (подоцна под името Пелистер), а во интервју за руските медиуми се осврна на главната причина за неговото заминување – ненормалните услови за работа во салата во Битола.

„Веднаш по завршувањето на ЕП челниците на клубот ми понудија нов договор, но веднаш го информирав претседателот дека сакам да си заминам. За клубот можам да кажам само добри работи, но на Пелистер дефинитивно му фали сала за тренинг и за играње натпревари. Онаа што ја има е многу стара, без греење, па во зима тренинзите се самоубиство. Некогаш трениравме дури и со капи на главите, па ќе се случеше да е исклучена топката вода во соблекувалните. Ќе моравме испотени да стигнеме до дома за да се истушираме, а надвор беше „камен ладно“. Тоа беше неверојатно“, открива Остроушко.

Украинецот обелодени и дека не се снашол најдобро во тактичките замисли на новиот тренер Жељко Бабиќ.

„Бабиќ исто така побара да останам, но јас веќе сум возрасен, опасно е да работам во ледени услови. За него како човек можам да кажам позитивни работи, но тактичките замисли на Жељко се различни од мојата визија за ракометот. Тој не верува дека играч треба да мине 60 минути на теренот. Ќе се случеше да минат седум минути, јас да влезам, да дадам два-три гола и тој да ме повлече од игра. Ќе го прашам што се случува, тој ми одговара дека така сите играат и сите се свежи во текот на целиот меч. Но, по три минути јас веќе сум го загубил ритамот и кога ќе влезев повторно не можев да продолжам онаму каде што застанав“, истакна украинскиот интернационалец.

 

Се вчитува...