На Пелистер му се стемни во Пролет

Ракометарите на Пролет по одлична игра заслужено славеа на дуелот против Пелистер со 30-26, расипувајќи го на тој начин камбекот на Томче Петрески на клупата на битолскиот клуб. „Пелистерци“ се надеваа дека на овој меч ќе фатат залет во битката за горниот дел на табелата, но наместо тоа беа надиграни и заслужено совладани од мотивираните домаќини.

Гостите од Битола беа подобар противник само по првите десетина минути, кога водеа со 3-5. Пролет израмни на 5-5, потоа стигна до прво водство од 7-6, по што домаќините до самиот крај го контролираа темпото. Подобриот финиш во полувремето им донесе на домашните играчи водство од 13-9, но „пелистерци“ не се предадоа, па во вториот дел намалија на само еден гол разлика (17-16). Сепак, Пролет заигра најдобро кога беше најважно, домашниот тим повторно влезе во гол-серија, успеа резултатски да се одлепи пред самиот крај (26-20) и на крајот рутински да го приведе мечот до крај.

Филип Ролевски со седум гола го предводеше тимот на Пролет до оваа голема победа, заедно со Трајковски и Андоновски со по пет и Манасков со четири погодоци. Кај „пелистерци“ најдобри стрелци вечерва беа Орјоникидзе со осум и Бојан Маџовски со шест гола.

Се вчитува...