На победа во Естонија… И Лигата Ц не е неважна!

Оставајќи го зад себе триумфот против Косово во полуфиналето од плеј-оф баражот за пласман на ЕП, македонската репрезентација денеска (18 часот) во Талин на мегдан против Естонија во 3. коло од Ц лигата на УЕФА Лигата на нации. Во натпревар кој секако е значаен за нас, затоа што, како што вели селекторот Игор Ангеловски амбициите се првото место во групата и во оваа втора сезона од Лигата на нации.

„Косово е зад нас, доволно прославивме, но сега обврските се пред нас, веќе сме максимално фокусирани на Естонија. Имаме добар старт во овој циклус од Лигата на нации, се наоѓаме на првото место и сакаме да го задржиме. Сакаме да ги освоиме трите бода на утрешниот меч и да останеме на тоа прво место. Овие мечеви секако треба да ни послужат и како еден вид подготовка за финалето против Грузија на 12. ноември во Тбилиси. Имаме проблеми со повредени фудбалери, но сме имале такви главоболки и во минатото и сме ги решавале на добар начин. Сите кои се тука се ставаат во функција на тимот, можеби некои играчи играле и на неприродна позција на одреден меч, но секогаш давале се од себе за Македонија да оствари добар резултат“ – вели Ангеловски.

За Естонија и Македонија ова ќе биде петти меѓусебен натпревар. Претходно зад нас се четири дуели со Естонците, три победи и само еден кикс, реми (1-1) во Скопје во 2007 година под водство на Среќко Катанец.

Пред тоа реми, победи запишавме на пријателскиот натпревар во 1994 од 2-0, па во 2006 година славевме во Талин со 2-4 и на крај во квалификациски натпревар во август 2006 година славевме со 0-1 со голот на Гоце Седлоски.

Во вториот натпревар од групата во Ц лигата, Ерменците, поради воената состојба во земјата, во полскиот град Тихи ќе бидат домаќини на Грузија.

УЕФА Лига на нации – Лига Ц (3. коло, 18 ч.)

Талин: ЕСТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА

Тихи, Полска: ЕРМЕНИЈА – ГРУЗИЈА

Се вчитува...