На повидок нова сага: Баерн бара двојно повеќе пари од она што го нуди Реал Мадрид

Реал Мадрид го осигура потписот на Килијан Мбапе, но „кралевите“ летово ќе бидат дел од нова трансфер-сага, овојпат за ангажман на левиот бек на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис.

За канадскиот офанзивен бек веќе извесно време се шпекулира дека ги има договорено личните услови со Флорентино Перез, па токму тоа е главната причина поради која ги одбива сите понуди за нов договор со Баерн Минхен. Баварците стануваат исфрустрирани од ваквиот однос на својот првотимец, кому му е даден рок до крајот на оваа седмица, да се изјасни дали ја прифаќа понудата за нов договор за плата од 13 милиони евра по сезона или во спротивно ќе биде ставен на трансфер-листа.

Канаѓанецот има договор со Баерн до јуни 2025 година, а баварците го имаат проценето на околу 60 милиони евра. Тоа ќе претставува сериозен проблем за трансфер, ако се знае дека Реал Мадрид нема намера да плаќа толкаво богатство за играч што една година подоцна би можеле да го доведат без никаква отштета (тоа веќе го сторија со Давид Алаба, а истото ќе биде случај и со Килијан Мбапе летово). Понудата на Реал Мадрид изнесува „само“ 30 милиони евра или двојно помалку од она што Баерн го бара.

Дефинитивно преговорите ќе траат долго, а останува да се види дали клубовите ќе најдат заеднички јазик или Реал ќе почека до 2025 година за да го доведе Дејвис како решение за најпроблематичната позиција во тимот.

Се вчитува...