НА ТЕМАТА ЗА ХИМНАТА – „Љубовта кон грбот и националниот дрес се докажува на терен.. И, никој да не ја пее ама да одиме на СП!“ (ВИДЕО)

Во најновата осма епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, заедно со својот гостин Горан Попов, ги анализираа очекувано и настапите на македонската репрезентација изминативе две години.

Меѓу темите се наметна и постојаното актуелизирање на темата околу пеењето на химната од страна на сите репрезентативци. Најчесто спомнуван во минатото, па дури и од пооделни фудбалери и фудбалски работници, беше капитенот Енис Барди, за кого, пак, нескриен факт е дека изминативе години сам во многу наврати ја спасувал Македонија на терен и носел победи. Капитенот изминативе две години секогаш е најдобриот поединец на теренот, оставајќи го максимумот во националниот дрес…

„Со химната не треба апсолутно да се оптеретуваме кој ја пее, а која не ја пее. Не е тоа важен фактор во спортот.Еве, јас сум стоел триесет пати на југословенската химна, па ретко кога сум ја пеел. И што сега? Некој требало да ми пише тогаш, во тоа време, еј овој не си ја сака репрезентацијата, не ја пее химната. Какви се тие глупости? Треба да се види на терен кој колку дава за тој грб, и го сака националниот дрес…. Дали даваш максимум на терен. Тоа е важно“ – вели македонската „Златна копачка“, Дарко Панчев.

Еднакво е размислувањето и на поранешниот истакнат македонски репрезентативец и едно од најголемите фудбалски имиња во поновата наша историја, Горан Попов…

„Кога ќе видиш во Холандија, кога ќе видиш во Белгија, и во други држави каде што има играчи од разни националности…, никој не ја пее химната. Родени во Холандија, никој не ја пее химната! Нему не му е важна химната, важен им е успехот. Да бидеме реални, темата за непеењето на химната од страна на нашите репрезентативци Албанци со македонско потекло, негативни коментари пишуваат по социјалните мрежи само тогаш кога имаме негативен резултат. Кога имаме позитивен резултат, никого не го интересира дали пеел или не пеел! Тогаш, ама апсолутно никој не спомнува такво нешто. Да, убаво е да се знае химната, но и да не ја пеат тоа ништо не значи. На терен да покажат и да даваат резултат, и да играат добро. Ние си ја сакаме нашата држава, и нас ни е убаво да видиме и ние кога играчите коишто се родени во Македонија овде ќе ја запеат, но толку не ми смета. Не ми смета затоа што нека има резултат, па не мора да ја пее тогаш. Ако ја научи, тоа е плус“ – истакнува Попов.

На крај, секако, и поентата…

„Мене ако ме прашаш… Камо среќа никој да не ја пее, а да бидеме постојано први во квалификациските групи. Ниту еден да не ја пее, а да се пласираме секогаш на светско на европско првенство. Тоа не треба да ни смета. Треба да ни смета на терен ако не пружаат максимум за националниот дрес, ако не играат. Тоа е поентата во спортот!“ – вели Дарко Панчев.

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ДАРКО ПАНЧЕВ И ГОРАН ПОПОВ… ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...