На Тим тенисот му дојде преку глава, си зеде одмор на неодредено време

Доминик Тим реши да одмори од тенисот на неодредено време откако австрискиот тенисер се најде во сериозна криза на почетокот од 2021 година. Тој стигна до титулата на УС Опен на крајот од 2020, по што се очекуваше негова „експлозија“ и на стартот од новата година, но се случи токму спротивното.

Тим најпрвин загуби во осминафиналето од Австралија Опен од Димитров, во Доха во второто коло беше елиминиран од Баутиста Агут, додека во Дубаи испадна во првото коло, од Лојд Харис. Серијата порази дефинитивно придонесе да дојде до сериозна фрустрација кај Австриецот, кој реши да си земе одмор, притоа не наведувајќи кога би се вратил на терените.

Според австриските медиуми, Тим веќе две седмици воопшто не тренира, носејќи одлука да се одмори физички и психолошки, а дури кога ќе се чувтвува подготвен да објави на кој турнир планира да учествува во наредните два месеци.

„Доминик мора да се опорави, ментално да се ослободи од целиот стрес. Мислам дека ниту на ТВ не го следеше турнирот во Мајами. Би требало да почне да тренира за неколку дена, но уште ништо не е сигурно“, изјави таткото на Доминик, Волфганг Тим.

Се вчитува...