На Вардар не му оди кога е фаворит, Монпелје лесно го освои „Јане Сандански“

Вардар го претрпе првиот пораз сезонава во Лигата на Шампионите откако „црвено-црните“ загубија на домашен терен од Монпелје со 25-31. Веселин Вујовиќ пред мечот изјави дека ова е првиот дуел на кој „вардарци“ ја имаат улогата на фаворити, но тој и неговите избраници не се снајдоа најдобро во ваквата ситуација, одбраната целосно потфрли, додека во нападот резултат не дааде ниту неговото оружје „седум на шест“ со кое знаеше да го сврти резултатот во своја полза на претходните натпревари. Ниту фантастичната атмосфера создадена од навивачите на македонскиот првак не помогна, бројните грешки беа беспрекорно казнувани од расположените гостински ракометари, кои по триумфот над Кил во минатото коло забележаа уште една голема победа во Лигата на Шампионите.

Од самиот почеток стана јасно дека Вардар ќе има проблеми на овој натпревар, нападот тешко наоѓаше лек за одбраната на Монпелје, а на спротивната страна Бос почна одлично, постигнувајќи три гола во серија за францускиот вицепрвак. Гостите имаа водство од самиот почеток, а Вујовиќ се реши за две промени при негатива од 4-7, го уфрли Борко Ристовски на голот на местото на Мартин Томовски, а Вардар почна да игра и „седум на шест“ во нападот. Ваквата тактика накратко вроди со плод, но Монпелје успеа да се адаптира, по што француските ракометари постигнаа два гола во празна мрежа пред самиот крај на полувремето и на одмор заминаа со убедливи 11-15.

Грешките на „вардарци“ во нападот овозможија Монпелје да поведе со 13-18. „Црвено-црните“ за момент имаа и двајца ракометари повеќе на терен, но гостите благодарение на одличниот Вилмино ја одржуваа удобната предност (15-20, 16-21). Борко Ристовски блесна со две интервенции, но на спротивната страна одличен беше и Бонфоа, бранејќи зицер од контранапад на Нијокас и пенал на Дибиров, спречувајќи Вардар да се приближи уште повеќе од моментните 17-21, по што Монпелје даде два гола во серија и поведе со најубедливи 17-23 во 44. минута од мечот.

„Црвено-црните“ се приближија само до 19-23, при тој резултат Кудуз пропушти можност уште повеќе да ја намали негативата, но потоа следеше нова серија на Монпелје, кој продолжи да доминира и на крајот заслужено славеше со 25-31.

Навивачите заслужуваат чиста „десетка“ бидејќи и во моментите кога победникот беше решен, до самиот крај им дадоа безрезервна поддршка на своите миленици, покажувајќи им дека се со нив и во победите и во поразите.

Дибиров беше најефикасен со седум гола од десет обиди, Тото реализираше шест пати против своите сонародници, додека прв стрелец на Монпелје беше Бос со седум постинати гола.

Се вчитува...