Начо: Загубивме бидејќи ја потценивме Барса, извлековме добра лекција!

Не стивнуваат и понатаму реакциите по синоќешниот натпревар меѓу Реал и Барселона, дерби кое го добија убедливо „каталонците“ (0-4). Начо кој требаше да го замени Менди на левата бековска позиција, потфрли во дуелите против Усман Дембеле, исто како и цел тим на Реал Мадрид.

„Кралевите“ влегоа со огромна предност на табелата на последното „Ел Класико“ дерби, но тоа изгледа делуваше навистина негативно кога е подготовката во прашање, но и самиот пристап на теренот.

Начо беше првиот играч на Реал кој даде изјава веднаш по болниот пораз од 0-4, а дефанзивецот порача дека единствено добра вест за тимот е тоа што се уште зависи сам од себе во битката за титулата.

„Одигравме многу лош меч, резултатот говори се, нема потреба да се додаде нешто повеќе. Загубивме бидејќи ја потценивме Барса, извлековме добра лекција! Боли да се загуби „Ел Класико“ на ваков начин, после ваков меч, добро е само едно. Имавме добра сезона досега и имаме солидна предност, ќе ни бидат потребни неколку дена да се вратиме од ова, но работите се уште зависат од нас. Треба да се вратиме назад и да ја довршиме сезоната на најдобар начин. Ние сме лидери и имаме голема бодовна предност“, изјави Начо.

Барселона комплетно го надигра Реал и постигна четири гола во мрежата на Тибо Куртоа, со тоа што резултат можеше да биде и многу повисок ако се земат во предвид шансите кои не беа реализирани.

Се вчитува...