Надал: Ферер заслужи поубаво збогување од УС Опен

Рафаел Надал без многу борба се пласираше во второто коло откако неговиот ривал Давид Ферер го предаде мечот поради повреда кон средината на вториот сет. Шпанските тенисери важат за добри пријатели, па Надал не го криеше разочарувањето што последниот гранслем меч на Ферер (веќе најави дека во 2019 ќе се пензионира) не заврши со спортско надмудрување, туку со повреда.

„Тажен сум, ова не е начинот на кој требаше да заврши гранслем-кариерата на Ферер. Тој одигра толку многу врвни турнири и требаше и последниот меч да му биде таков, тенис на највисоко ниво, а не се предавање поради повреда. Ако ништо друго, барем ова не му е последен турнир во кариерата, убеден сум дека на наредните ќе го прикаже тенисот што знае да го игра, за да се збогува од нашиот спорт на начин каков што заслужува“ – изјави Надал.

Самиот Ферер исто така беше разочаран од развојот на настаните.

„Таков е животот, сакав да одиграм што подобро, но се случи она што се случи. Жал ми е бидејќи ова ми е последен гранслем во кариерата, а не можев да го доиграм мечот. Како и да е, секогаш ќе имам само убави спомени од УС Опен“ – истакна Давид Ферер.

Се вчитува...