Надал го „пецна“ Ноле: Рекордите повеќе му значат на Ѓоковиќ, мојот пристап кон тенисот е поинаков

Третиот тенисер во светот, Рафаел Надал, истакна дека тој не е толку фокусиран на рекордите, како што е случајот со Новак Ѓоковиќ. Роџер Федерер и Рафаел Надал во моментов имаат по 20 гренд слам титули, а Новак има две помалку.

Ѓоковиќ неодамна го собори рекордот по број на недели на првото место во светот, и отворено изјавува дека покрај тој рекорд, негова примарна цел сега е да биде тенисер со најмногу гренд слам трофеи.

Надал потенцира дека неговиот пристап е поинаков.

„Уживам во тоа што го работам, среќен сум што играм тенис. Секако дека сакам да освојам повеќе слемови, нема сомнение. Мислам, Новак е повеќе опседнат со тоа, пофокусиран. Сепак, тоа не е мојот пристап кон тениската кариера. Имам здрава амбиција. Да немав, никогаш немаше да бидам на позицијата во која сум сега, но веројатно имам различна амбиција од Новак“, вели Надал за ‘Метро’.

Надал потоа продолжи со објаснување за својот пристап кон тенисот.

„Само одам понатаму, продолжувам да го работам она што го работам и се обидувам да бидам во позиција да уживам во мојата мисија и да постигнам што е можно повеќе. Јас сум исклучително задоволен од кариерата што ја имам. Веќе бев задоволен пред неколку години, но не сум помалку мотивиран поради тоа. Сепак, не сум фрустриран ако загубам на еден турнир, се обидувам да им пристапам на работите поинаку“, заклучи Рафа.

 

Се вчитува...