Надал го урна сопствениот рекорд, пред него е само Бјорн Борг

Рафаел Надал ја продолжи својата импресивна серија на Ролан Гарос со нова максимална победа од 3-0, овојпат над Ришар Гаске со убедливи 6-3, 6-2, 6-2. Првиот носител одигра извонреден меч против домашниот миленик, не оставајќи му на Гаске ниту за миг надеж дека ќе може да ја прекине серијата од 15 порази на дуелите со Надал. Мечот почна со водство на Шпанецот од 5-0, Гаске намали на 5-3, но потоа Надал го доби сетот, продолжи во ист ритам до крајот на мечот и очекувано се најде во следната фаза.

Воедно, Надал на овој меч си го урна сопствениот рекорд за најмногу освоени сетови во низа на Ролан Гарос. Со трите против Гаске шпанскиот ас стигна до 34 сета во серија на овој гранслем турнир, уривајќи го својот претходен рекорд од 32 сета, остварен во периодот од 2007 до 2009 година. Апсолутниот рекорд во оваа категорија е сопственост на Бјорн Борг, кој освои 41 сет во низа во периодот од 1979 до 1981 година.

Надал ќе има шанса да стигне до 37 доколку ја оправда фаворитската улога во осминафиналето, каде против себе ќе го има аутсајдерот Мартерер од Германија, моментно на 70. место на АТП-листата.

На останатите мечеви на денешната програма, Фоњини по голема битка го совлада Едмунд со 3-2 во сетови, Кевин Андерсон беше подобар од Миша Зверев, додека Шварцман неочекувано лесно славеше со 3-0 над Хрватот Чориќ.

Се вчитува...