Надал: Не смееме да паднеме во депресија поради коронавирусот

Рафаел Надал не планира во блиска иднина да се повлече од тениската сцена, особено ако се земат во предвид одличните резултати што Шпанецот се уште ги бележи на големите турнири. Тој во разговор за едно шпанско „talk-show” говореше на најразлични теми, повикувајќи ги луѓето да бидат што позитивни и покрај глобалниот проблем со коронавирусот.

„Не смееме да дозволиме да паднеме во депресија. Позитивниот пристап кон животот ни помага да поминеме низ тешки времиња. Работа, посветеност, страст, одлучност, ова е се’ што се бара од сите нас”, истакна шампионот на Ролан Гарос.

Рафа упати сочувство до сите починати од овој вирус, и рече дека на никого не му било лесно да ги надмине пречките наметнати од ситуацијата во оваа 2020 година.

„Секој мора да го најде својот пат и да стори најдобро што може во она што е најдобро. Оваа година играв на само пет турнири. Иако работите ми одеа добро, вистината е дека оваа година беше тешка и тажна”, порача Рафаел Надал.

Тој се осврна на доминацијата на триото Надал – Федерер – Ѓоковиќ, потенцирајќи дека очекува овие тројца тенисери да продолжат со добри игри и во следните години.

„Ние тројцата ќе бидеме се’ уште на теренот, ќе се натпреваруваме и ќе се бориме за нови големи победи. Уште немаме покажано сè што знаеме”, рече Шпанецот.

Се вчитува...