Надал и Федерер фуриозни, Тим елиминиран во Рим

Роџер Федерер и Рафаел Надал рутински ги завршија своите задачи на стартот од турнирот во Рим, каде неочекувано елиминиран беше четвртиот носител Доминик Тим.

Федерер, кој во последен момент реши да настапи во „Вечниот град“, имаше лесна задача против Соуса. Португалецот парираше само до 3-3 во првиот сет, за потоа Федерер да слави со 6-4, а потоа направи брејк и експресно поведе со 2-0 во вториот сет и на крајот да триумфира со 6-3. Следен противник на Роџер Федерер ќе биде Борна Чориќ од Хрватска.

Рафаел Надал импресивно го стартуваше настапот во Рим, декласирајќи го Французинот Шарди со убедливи 6-0, 6-1, обезбедувајќи пласман во третото коло, каде го очекува пресметка со Басилашвили.

Сосема неочекувано, настапот во италијанската престолнина предвреме го заврши Доминик Тим, кој загуби од Фернандо Вердаско со 1-2 во сетови. Тим го доби првиот сет со 6-4, но потоа дојде до голем пад во неговата игра што Вердаско го искористи за пресврт и изненадувачка победа.

Покрај Тим, елиминиран во второто коло беше и Марин Чилиќ, кој неочекувано убедливо беше декласиран од Германецот Штруф со 2-6, 2-6.

Се вчитува...