Надал: Немам доверба во Федерер, ние не сме блиски пријатели

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал истакна дека има добри односи со Роџер Федерер, но дека Швајцарецот не е негов близок пријател. Рафа потенцираше дека има голема почит кон Роџер и дека можат да зборуваат на било каква тема, но како за пријател никогаш не би му се доверил за сопствениот живот и здравје.

Постои големо ривалство помеѓу Надал и Федерер, бидејќи и двајцата се носителите на титулата „најдобар на сите времиња“. И Шпанецот и Швајцарецот во моментов имаат по 20 Грен слам титули, а Рафа води со 24:16 во меѓусебните дуели.

„Ние сме добри пријатели, како одминуваше времето, така се развиваше нашата врска. Можеме да се јавуваме во кое било време од денот и да разговараме за што било. Но, ние не сме блиски пријатели. На пример, никогаш не би му рекол дека ме боли коленото пред мечот со него. Пријателството е исклучително важно за мене и не верувам дека некој може да има многу пријатели“, рече Рафа.

Шпанецот имаше проблеми со грбот за време на Австралија опен, па по првиот Грен слам во сезоната, тој не одигра ниту еден натпревар. Надал треба да се врати на теренот во Монте Карло.

„Сакам да бидам целосно подготвен и да бидам конкурентен на моите противници. Пред мене е најважниот дел од сезоната, се подготвувам напорно“, истакна Надал.

Турнирот во Монте Карло е на програмата од 11 до 18 април.

Се вчитува...