Надал: Немам коментар за Ѓоковиќ, претпочитам да зборувам за мојот живот

Шпанецот Рафаел Надал не сакаше да одговори на прашањето на новинарите во врска со ситуацијата во која се најде Новак Ѓоковиќ по Адрија Тур, потенцирајќи дека не сака никого да осуди. Првиот тенисер во светот минатото лето организираше егзибициски натпревар, кој предизвика бројни полемики, откако неколку играчи се заразија со коронавирус. Србинот потоа беше критикуван од странските медиуми, но и од негови колеги – тенисери.

Во неодамнешното интервју, Надал беше запрашан какво е неговото мислење за ваквиот потег на Ноле и за организацијата на целиот турнир во време на светска пандемија.

„Претпочитам да зборувам за тоа како живеев претходните месеци, отколку да ги осудувам другите за она што го сторија. Ситуацијата беше исклучително тешка. Бевме во строг карантин, голем број луѓе починаа. Немав сила да направам нешто. Бев крајно загрижен. Во некои земји ситуацијата не беше толку тешка, затоа некои луѓе беа порелаксирани“, одговори Рафа.

Шпанецот уште еднаш истакна дека не сака јавно да го искажува своето мислење за „политичките“ проблеми низ светот и целата пандемија.

„Свесен сум за тоа што се случува, зборувам за тоа со моите пријатели и тимот. Јас сум информиран и имам свое мислење. Но, ако почнам да зборувам за тоа, многу од нив ќе бидат извадени од контекст. Затоа не би се чувствувал добро. Затоа избирам да не зборувам за тоа јавно“, заклучи Надал.

Се вчитува...